| Во посета на домот за стари лица „Мајка Тереза“ |
![]() Космодиск имаше можност да го посети Домот за стари лица „Мајка Тереза“ во Злокуќани, при донирањето на душеци во склоп на кампањата „Разбудете се хумани“ која ја организираше Дормео. Домот за стари лица „Мајка Тереза“ во Злокуќани, е единствената социјална установа од ваков вид во Скопје. Домот има околу сто станари, од кои голем дел се социјални случаи. На дел од жителите "Мајка Тереза" им е единствениот дом што го имаат. Објектот е од привремен карактер и е донација од шведската влада и од неколку невладини организации, како помош за граѓаните на Скопје по катастрофалниот земјотрес. При нашата посета на домот разговаравме и со раководителот на „Мајка Тереза“, Никола Матевски кој ни даде повеќе информации за животот во Домот. Пред сè, тој ни даде на знаење дека сè поголем е бројот на стари лица со редовни примања, и поголемо семејство кои одлучуваат да се преселат во Домот – каде што ќе бидат со своите врсници, а за тоа и плаќаат месечен надомест од околу 13.000 денари. Со тоа тие добиваат своја соба (најчесто со уште еден станар во домот), редовни оброци, како и можност за дружење. Јасно е дека на овие стари лица им требаат достоинствени услови за живот. Во изминатите години со донации се поправени санитариите и водоводната инсталација, а Црвениот Крст постојано организира акции за подобрување на условите во домот. Преку една таква акција им е направено греењето, како и поставен ламинат во голем дел од просториите. И во склоп на кампањата „Разбудете се хумани“ која ја организираше Дормео, во домот беа донирани дел од душеците собрани преку оваа кампања. Преку Црвениот Крст, како и преку донации на граѓани, во домот добиваат големи количини на облека. Она што особено нè плени, беше посетата на просторот за работна терапија, поточно нивната просторија за рачни изработки. Станарките на домот плетат прекрасни блузи, џемпери, шалови...изработуваат и накит..како и декоративни додатоци – милеа, ќилимчиња итн. Понекогаш и ги продаваат на некои јавни случувања (по цена еднаква на вредноста на волницата и другите материјали употребени во изработката), а може да се купат и при посета на Домот. Ние бевме многу среќни што на жителите на Домот за стари лица „Мајка Тереза“ успеавме да им го развеселиме секојдневието со нашата посета и би можеле да ви препорачаме кога ќе најдете слободно време да ги посетите и Вие, да им однесете некој скромен подарок, или да им донирате нешто што вие не го користите, а се наоѓа во одлична состојба (секако претходно чисто, перено, измиено). Можеби и ќе си најдете некое убаво парче облека изработено од вредните раце на станарките во Домот, со што ќе им помогнете да обезбедат материјали за изработка на нови рачни мајстории. Секако, ќе успеете да згреете барем едно срце. |












.gif)

.gif)

























