| Како правилно да масирате стапала |
![]() Во стапалото има 12 различни мускули. Нивната намена е да обезбедат потпора за тежината на целото тело и да обезбедат подвижна платформа за секоја подлога. Масажата на стапалата ќе ви помогне да се релаксирате и ќе ви го подобри крвотокот во нозете. Пред да пристапите кон масажата, потребно е да ги направите сите неопходни подготовки. Отстранете ги сите обувки и чорапите од личноста што ја добива масажата и потоа нежно нанесете лосион, крем за тело или пак специјален крем за стапала. Лекарите не препорачуваат масирање на стапалата доколку постојат одредени повреди, рани или некаква друга медицинска состојба. Цврсто фатете го едното стапало со двете дланки. Започнете да го триете од врвот, нанесувајќи притисок со палците. Започнете од врвот на секој прст и потоа бавно движете се кон глуждовите. Кога се враќате кон прстите, притисокот треба да биде понежен. Овој чекор може да се повтори неколку пати. При движењата нагоре и надолу по стапалото, притисокот треба да варира во зависност од тоа колку му е пријатно на оној што ја добива масажата. Ако сакате сами да си ги измасирате стапалата, потребно е да користите цилиндричен предмет, по можност масажер, кој ќе го тркалате по подот, нежно притискајќи го одозгора. Пред да се одлучите на овој чекор, консултирајте се со матичниот лекар, доколку претходно сте имале какви било проблеми или потешкотии со стапалата. Во текот на масажата, треба посебно внимание да им посветите и на прстите. Држете го стапалото одоздола, придржувајќи го со едната рака. Со другата рака, фатете го големиот прст со палецот и показалецот, полека ротирајте го и повлечете го со минимална сила. Потоа полека поминете со прстите по целата должина на големиот прст на ногата, не намалувајќи го притисокот. Повторете го ова кај секој прст одделно. |


















