
Негативните, загрижувачки мисли имаат негативен ефект врз нашето тело и чувства и, спротивно, позитивните, мотивирачки мисли имаат благотворен ефект.
Што си велите себеси?
Општо е познато дека нашите мисли директно влијаат врз функционирањето на нашите тела. Нашите мисли веднаш се пренесуваат во емотивна или физичка реалност.
Ова е добра вест сите оние кои имаат болки и проблеми со грбот. Тоа значи дека ние всушност можеме да влијаеме врз нашите тела и емоции. Внесувањето на позитивно размислување ќе му помогне на овој механизам и ќе поттикне себеизлекување, намалување на напнатоста, создавање на природни аналгетици (вклучувајќи и ендорфини) и ќе предизвика намалување на болките.
Па, на што мислите во моментов?
Откријте што мислите
Можеби мислите дека постојано знаете на што мислите, меѓутоа поголемиот дел од нашите мисли ни поминуваат низ главата на „автопилот“. Толку сме навикнати на нив, што не ги ни забележуваме.
Не е секогаш лесно да процениме дали нашите мисли имаат позитивен, стимулативен ефект врз нас, или имаат негативен, лимитирачки ефект.
За да дознаеме, треба малку да истражуваме, на пример, дали некогаш сте се нашле себеси да си кажете или помислите некоја од следните негативни мисли?:
„Никогаш нема да оздравам“
„Треба да...“
„Мора да...“
„Тие треба да...“
„Не можам да го издржам ова...“
„Никој не ме разбира...“
„Не е фер...“
„Само да можев...“
„Што ако...“
Има многу типови на лимитирачки, негативни мисли. Заедничко нешто за нив е што тие се секогаш ирационални, не се базираат на докази.
Затоа може да биде корисно да најдете доказ за она што го велите. Запрашајте се, „Дали е ова 100% точно?“ – многу е веројатно да откриете дека не е сосема точно. Ова е типично „Што ако...“ размислување. Предвидуваме нешта кои ќе се случат или проблеми кои ќе произлезат и потоа ја предвидуваме нашата немоќ да се справиме со нив. Тоа во никој случај не мора да е точно.
Други лимитирачки мисли доаѓаат од еднонасочното размислување со „Мора да...“ „Треба да...“ изразите. Овој тип на мисли доаѓа кога мислиме дека нешто не е совршено и, според тоа, не е добро, или нешто не е како што ние би сакале да биде.
На пример: „Тие требаше до сега да откријат од што ми се овие болки“. Или кога си вршиме притисок да завршиме задачи кои се надвор од нашите моментални можности, на пример: „Морам да го завршам ова...“.
Резултатот може да бидат чувства на вина или стрес, кои потоа ќе предизвикаат напнатост и болки.
Што можете да сторите?
Не можете да одберете какви мисли ќе ви дојдат на ум, но, можете да одберете игнорирање и отфрлање на негативните мисли, и фокусирање на повеќе позитивни мисли и позитивен аспект на животот. Можете да научите да ги менувате вашите мисли, така што вашиот потсвесен начин на размислување постепено ќе станува помалку негативен.
Сè зависи од ВАС!
Елиминирајте го негативното!
Започнете така што ќе ги забележувате вашите мисли и начини на размислување. Често и ова е доволно за да ги исфрлите лимитирачките мисли (зборови) од вашиот речник. Избегнувајте мисли или изјави кои вклучуваат зборови како: треба, требаше, мора, секогаш, никогаш и што доколку?
Нагласете го позитивното!
Следната техника ќе ви помогне да ги пресретнете негативните мисли. Кога ќе забележите дека размислувате негативно употребете ја едноставната „СТОП“ и „ЗАМЕНИ“ техника за да ги уловите негативните мисли и да ги замените со мотивирачки зборови.
Кажете си: „СТОП!“ – Вашиот ум ќе замолчи
– потоа ЗАМЕНЕТЕ со поконструктивни зборови. Имајте спремна „база на позитивни пораки“. На пример:
„Смири се, ова ќе помине.“
„Лесно е да...(се опуштам, се справам со тоа, итн.)“
„Се концентрирам на она што МОЖАМ да го сторам.“
„Ќе правам чекор по чекор.“
„Одбирам да...“ или „Би можел/а да...“ „Смири се, опушти се...“
„Ќе најдам нов начин да го решам тоа.“
„Имам многу техники за помош, ќе одберам една од нив...“ (на пр., релаксација, вежби, прошетка, читање на „базата на позитивни пораки“, топли/ладни облоги, итн.)
Употребувајте ја „СТОП“ и „ЗАМЕНИ“ техниката во текот на неколку седмици и наскоро ќе забележите значајна промена во начинот на кој размислувате, и колку полесно ќе биде справувањето со проблемите и болките.
Да се биде позитивен значи да се биде насочен кон позитивните аспекти на животот и кон она што можеме да го сториме за да си помогнеме себеси.
Позитивните мисли не се луксуз – тие се неопходност за наша благосостојба!