
Изработката на прекривки/јоргани од парчиња ткаенини не само што е хоби кое многу релаксира, туку може и да ја развие вашата креативност и да резултира со многу убави прекривки. Ако барем малку се снаоѓате со игла и конец, уште подобро со машина за шиење, тогаш е многу лесно да започнете.
Рачно изработените прекривки/јоргани имаат голема сентиментална вредност бидејќи додека се изработуваат се посветува големо внимание на изборот на материјалите, боите и композицијата. Ако започнете со ова хоби, ќе може да уживате во подарувањето на вашите уникатни дела на вашите најблиски, но, како што ќе напредувате, тоа може да се претвори и во дополнителен извор на приходи.
Што ви е потребно – алати и материјали
За започнување со ова хоби ќе ви требаат основни алатки како игли, шпенадли, безопасни игли итн. Ако веќе имате машина за шиење, тогаш проверете дали имате сè што ви е потребно за да работите со неа. Значи, ова се основните алатки кои треба да ги имате пред да започнете:
- Маркери за ткаенини (оние кои лесно се мијат).
- Игли за машината за шиење, како и оние за рачно шиење (да имате резерва од неколку игли со различна големина).
- Шпенадли и напрстоци се нешто што задолжително ќе ви треба. Можете да си направите перниче за шпенадлите како ваша прва задача, или пак, да набавите магнетен држач.
- Ножици и други алатки за сечење ткаенини, како и подлоги за сечење, ви се, исто така, неопходни.
- Рамки за затегнување на платното врз кое шиете.
- Мостри за дизајни на прекривки од парчиња ткаенини можете да најдете на многу интернет страни – барајте како patchwork. Секако, за почеток, не е лошо ако погледнете повеќе примери за да добиете идеи.
Материјали кои ќе ви бидат потребни се:
- Ткаенини со различен дезен и бои.
- Конци соодветни на материјалите (според боја и дебелина).
- Соодветно парче ткаенина за долната страна на прекривката.
- Материјал за полнењето на прекривката.
Процесот на изработката
Откако ќе го дефинирате вашиот прв дизајн, најдобро е да го изведете на што поедноставен начин, така што ќе одберете памучни ткаенини во помалку бои и дезени, за да имате можност да се запознаете со процесот на работа. Задолжително е пред обработката да ги исперете сите ткаенини, за да не се случи некоја од нив да се собере или да промени боја при првото перење.
Изработката се состои од кроење на потребните парчиња, редење на слоевите (горна ткаенина, полнење, долна ткаенина), нивно опшивање и спојување со другите делови. Долната ткаенина најчесто е едно парче врз кое се шијат останатите слоеви.
Вообичаено, се започнува од централниот дел, па потоа се шие кон краевите. На крај, може да се додаде раб од тантела или друга декоративна лента.
Се надеваме дека овој текст ќе ви даде генерална слика на процесот на изработката на прекривки и ќе ве привлече да започнете со ова интересно и креативно хоби.
Со среќа и добра забава!