| Хоби – Нумизматика |
![]() Нумизматиката уште ја нарекуваат и „Кралско хоби“. Се работи за хоби кое ќе ви донесе задоволство и нуди многу за секого. Без разлика дали сте заинтересирани за собирање модерни, антички или средновековни монети, банкноти или пак медали, овие едноставни совети ќе ви помогнат да започнете. Штом ќе започнете со собирање на монети, банкноти или медали, ќе се изненадите колку бргу вашата колекција ќе започне да се проширува. Парите можете да ги вадите од циркулација, да ги купувате од продавниците за антиквитети или уличните продавници, а секогаш на располагање ви стои и интернетот, каде што постојат бескрајно многу опции. Но, кога ќе ја проширите својата колекција, не мислете веднаш на следното нешто што сакате да го купите или набавите. Застанете за миг и размислете за она што веќе го имате. Заштита Со задоволството од нумизматиката, исто така, доаѓа и обврската за заштита на вашата колекција, од човечки допири, влага и атмосферски гасови. Садовите за заштита на монетите и банкнотите не се скапи, а соодветно ја завршуваат работата. Можете да се одлучите за картонски, стаклени или садови од тврда пластика. Избегнувајте ги оние кои содржат поливинил хлорид, бидејќи содржат хемикалии кои можат да ја оштетат вашата колекција. Ако колекцијата ја чувате во однапред подготвени албуми или папки, внимавајте монетите и банкнотите да на дојдат во контакт со ништо, освен со инертни материи. На пример, картонот содржи сулфур, а сулфурот, со текот на времето може да предизвика губење на бојата на монетите. Нормално, сите држачи, албуми или папки треба да се чуваат во херметички затворени садови, по можност на суво и темно место. Интеграција Понекогаш, застанете и разгледајте ја целата колекција. Секако, возбудата од нова набавка е секогаш голема, но таа бргу ќе исчезне доколку подоцна сфатите дека веќе сте ја поседувале таа монета и дека времето и средствата сте можеле да ги насочите кон нешто ново. Доколку колекцијата ви порасне толку, што веќе имате потешкотии да ги следите сите собрани монети или банкноти, секогаш можете да преземете некоја компјутерска програма која тоа ќе го прави наместо вас. |


















