
Ако одлучите изработката на накит да ви стане хоби, треба најпрво добро да планирате. Според врвните дизајнери на накит, треба да внимавате на трите основни елементи: дизајн, квалитет на материјалите и изработката.
Како да започнете?
Почетокот може да биде многу возбудлив. Има многу техники на изработка, но добра идеја е да започнете со мониста и жица, бидејќи тоа е најлесниот метод.
За инспирација, можете да набавите книга за изработка на накит, а можете и да разгледате разни списанија, каталози со накит или разни Веб-страници поврзани со изработката на накит.
Запомнете, накитот треба да се изработува внимателно, независно дали се работи за крупно или ситно парче накит, скапо или не. Сеедно дали тоа ви е хоби или професија, дизајнирањето на накит е забавно бидејќи ви овозможува да експериментирате. А покрај тоа, не можете да знаете дали и кога вашето хоби може да премине во професија и кариера.
Одберете го вашиот стил
Овде нема некое строго правило, но добро ќе биде за почеток да се фокусирате на еден стил кој најмногу ќе ви прилега. Може да биде традиционален или модерен, може да биде изработка само на одреден вид накит: ѓердани, брошови, обетки, алки, итн.
Подгответе го вашиот алат и материјал
Следен чекор е подготвувањето на потребниот алат, како и мониста, камчиња, жици, копчиња, глина... и сето она со кое планирате да работите. Веќе и кај нас постојат продавници за вакви материјали, а секогаш може да побарате и на зелените пазари. Не заборавајте и на торбички или кутии за пакување на готовите дела. Алатки кои може да ви бидат потребни се: разни типови и големини на клешти; пинцети; шило; ножици; ткаенина за полирање – ако работите со сребрени елементи.
Дефинирање на работниот простор
Кога ќе почнете да го дизајнирате вашиот накит, ќе ви треба посебен простор. Одберете место кое ви овозможува концентрација, кое е интимно. Тоа може да биде дел од гаражата, поткровјето, итн. Не заборавајте дека ќе ви треба соодветно осветлување. Најдобро е да се работи на дневна светлина, но, ако тоа не е можно, потрудете се да најдете соодветна сијалица која симулира дневна светлина.
Со среќа и добра забава!