
Мускулен грч е ненадејна, неконтролирана контракција на некој мускул, што се чувствува како остра болка. Овој тип на болка е најчест во нозете и најчесто се опишува како грч во ногата.
Мускули кои најчесто се контрахираат на овој начин се оние кои поврзуваат два зглоба. Вакви се листовите (ги поврзуваат глуждовите и колената), мускулите на бутините и квадрицепсите (ги поврзуваат колената и колковите).
Грчевите во нозете обично траат пократко од една минута, но може да траат и по неколку минути додека контракцијата сосема да престане. Кај некои луѓе грчевите во нозете се јавуваат главно ноќе и знаат да ги разбудат од спиење.
Што предизвикува грч во нозете?
Точната причина не е доволно откриена, но има неколку фактори за кои се смета дека придонесуваат за оваа состојба:
- Замор на мускулите,
- Напорно вежбање,
- Дехидрирање,
- Зголемена тежина (не мора да е прекумерна тежина),
- Дисбаланс на електролитите,
- Лекови кои предизвикуваат слични нус-појави.
Најчестата причина за грч во нозете е невообичаено вежбање, односно или зголемена активност, или поинаков тип на вежби. Грчевите најчесто се појавуваат кај помладите личности (адолесцентите) или кај лицата постари од 65 годишна возраст.
Како може да се спречат грчеви во нозете?
- Пијте течности.
Пијте најмалку три полни чаши вода дневно, вклучително една пред спиење. Исто така, пијте многу течности пред, за време и по вежбање.
- Истегнувајте се редовно.
Истегнувањето може да ги релаксира мускулните влакна. Кога вежбате, многу е важно да се истегнете добро по самото вежбање, за да се релаксираат мускулите и да се спречат мускулни грчеви. Внимавајте да не вежбате интензивно пред спиење.
- Тренирајте постепено.
Постепено збогатувајте ја вашата програма за вежбање и обидете се да избегнете нагло зголемување на активностите. Правилото „10%“ е најдобро: седмично зголемете го интензитетот на вежбите најмногу за 10% споредено со претходната седмица.
Кој е најдобриот начин да го сопрете грчот во ногата?
Обично кога ќе настане грч во ногата реагирате инстинктивно и го масирате и истегнувате мускулот кој ве боли. Ова е совршена инстинктивна реакција и најчесто го решава проблемот. Најправилниот редослед е:
- Масирајте го згрчениот мускул,
- Истегнете го мускулот (полека!),
- Истуширајте се со топла вода или направете топла бања за да го загреете и релаксирате мускулот.
Кога треба да се консултирате со лекар во врска со грчевите на нозете?
Ако грчевите во нозете започнат да се појавуваат често и се подолготрајни, треба да се консултирате со лекар. Заради тоа што една од причините за грчеви може да биде нерамнотежа на електролитите, може да треба да се провери и крвната слика, за да се види дали е нормално нивото на калиум и други електролити.
Има и лекови за релаксација на мускулите кои може да ви ги препишат ако постои проблем со грчеви во мускулите, особено ноќе. Секако, треба да се проверат и вашите лекарства кои ги користите (ако ги користите), како и вашата историја на болести, за да се откријат можните фактори кои предизвикуваат грчеви во нозете.