
Сакате да го заштитите грбот од повреди додека работите во градината?
Ви нудиме неколку совети за подобра стратегија за работа и безбедни положби на грбот.
Еден од најрационалните начини да ги намалите повредите од чистењето на плевелот и вршењето на другите активности во градината е да го намалите нивниот број. Чистењето на плевелот не зависи само од тоа колку можете да искорнете, туку се работи и за стратегија на нивно спречување.
Прекривање
Прекривањето е техника на обложување на вашата градина со материјал кој ќе го спречи досегањето на светлината до плевелот и со тоа, блокирање на плевелот да израсне. Ова е особено корисно за насади со декоративни растенија, но може да помогне и кај земјоделските култури.
Со тоа што ова е прилично долготрајна техника, може да ви ја намали потребната работа во градината. Но, од друга страна прекривањето бара многу физичка работа, со многу кревање и носење тешки вреќи. Заради тоа, не се правете херој, туку побарајте помош.
Според советите на експертите, прекривката треба да биде длабока од 10-15см за да овозможи доволно сенка. Таа ќе треба да се дополни или замени по неколку години. Кога ќе одбирате материјал за прекривка, најважно е тој да биде водопропустлив, односно да може да се полева почвата.
Примери за материјали за прекривање се дрвени струготини, борови иглички, отпаднати дабови листови, стари весници покриени со листови, слама, итн.
Во врска со прекривање на зеленчуковата градина, тоа може да биде корисно за растенија како краставици или тикви, ако се направи во првиот месец од садењето.
За намалување на плевелот, исто така се препорачува, кога ќе ги садите декоративните растенија и зеленчукот, минимално да ја копате и прекопувате почвата, за да не му дозволите на семето на плевелот да излезе на површината.
Жардинјери
Ако страдате од болки во грбот, нема потреба ние да ви кажеме дека работењето во зеленчуковата градина може да биде многу тешко. Затоа, се препорачува да изградите жардинјери од дрво или цигли – тие имаат рабови на кои може да седнете, само немојте да ги правите многу широки за да не треба многу да се наведнувате. Исто така, што се однесува до декоративните растенија, доколку се повисоки нема да треба многу да се наведнувате.

Положби и механика на телото
Откако сте ја примениле стратегијата за контрола на плевелот, сепак ќе треба да го откорнете остатокот кој ќе успее да се појави. Корнењето на плевелот и другите задачи во градината можат брзо да ги заморат и најсилните грбови. Правилната механика на телото може да ви помогне да работите поефикасно и да завршите голема работа со минимален напор на мускулите. Тоа значи и заштита на зглобовите од исчашување.
Една од најчестите грешки која ја прават луѓето при работа во градината е подигање предмети „од грбот“.


Фактички, нозете и карлицата се многу посилни од грбот, па доколку научите како, и не заборавате да ги користите при подигање на тешки предмети и вршење на тешка физичка работа, ќе го заштитите грбот од повреди како истегнување на мускули или дискус хернија. Значи, концентрирајте се на контрахирање на мускулите на нозете и карлицата, а не на грбот. Трудете се движењата да ви започнуваат од колковите, а не од грбот. Исто така, кога подигате предмети, најдобро е најпрво да клекнете и потоа да станете заедно со товарот, а не да го правите тоа наведнати напред.
Седење и стоење при работа во градината
Процесот на чистење на плевелот, или садењето, бараат пронаоѓање на удобна положба за оваа активност. Положбата не треба да ви предизвикува пренапрегање на грбот или болки во мускулите. Ако имате проблеми со колената, колковите или со грбот, работењето во седечка положба ќе ви помогне да го намалите притисокот врз нив.
Но, дури и седењето додека работите во градината може да има негативно влијание доколку не знаете како да се движите ефикасно, односно да не се извртувате. Во зависност од здравствената состојба на вашиот грб и зглобовите, можете да седнете на земја, или да се потпрете на рацете и нозете (како да лазите), да седнете на кофа или да клекнете.
Експериментирајте за да ја најдете положбата, или положбите кои најмногу ќе ви одговараат според вашата состојба на грбот.
Пронајдете широка подлога за седење |
Седнете на подлогата
|
Овозможете си доволно простор за удобна положба на телото
|
Направете потпора за грбот со помош на едната рака додека се наведнувате
|