| Хоби - Друштвени игри на табла |
![]() Како што времето станува поладно и деновите се пократки, поголемиот број од нас се препуштаат на ТВ програмата и поминуваат по неколку часа пред телевизорот. Друштвените игри на табла се многу позабавно, покреативно решение и одличен начин да се забавувате со семејството и пријателите. Тие не се наменети само за децата, туку постојат и многу квалитетни игри за тинејџери и возрасни. Игрите на табла се, исто така, и одлична вежба за вашиот мозок, за вашата меморија и концентрација. Постојат многу различни типови и стилови на игри на табла. Има такви кои се безвременски, како „Табла“, до онакви кои што имаат конкретна тема и приказна, како „Клуедо“. Правилата варираат од наједноставни, како „Икс – точка“, до онакви каде што има детални правила кои сочинуваат еден сосема нов свет на мистични суштества и луѓе со разни моќи. Но, едноставноста на правилата не значи дека и самото сценарио на играта ќе биде едноставно, а најдобар пример за тоа се „Шах“ или „Го“. Сепак, поголемиот број современи игри со табла бараат да се влезе во некоја улога, а таблата служи само за полесна визуелизација и следење на играта. Кај нас ваквите игри можат да се најдат во специјализирани продавници, како и во некои поголеми супермаркети, но и во продавници за книги и печатени материјали. Можеби мислите дека сега не Ви е време за совладување на нови правила, но сигурно барем еднаш сте играле „Монопол“, „Ризик“ и слични игри на чии правила лесно ќе се потсетите. Затоа, набавете си игра, соберете друштво и уживајте. Со среќа и добра забава! |


















